Драчево за прв пат добива, нов, модерен и енергетски ефикасен пазар

Драчево за прв пат добива нов, затворен, модерен и енергетски ефикасен пазар. Камен темелникот на новиот пазар беше ставен денеска и по тој повод градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски истакна дека досегашниот објект кој до неодамна тука постоеше воопшто не ги задоволуваше стандардите и потребите на закупците и на купувачите.

 

– Состојбата посебно се влошуваше при секој дожд, при најмала временска неприлика, за што постојано добивавме поплаки и реакции кои беа и повеќе од оправдани. Уште во предизборието им ветив решение на моите сограѓани, а вредноста на мојот даден збор денес уште еднаш ја потврдуваме.  По темелните преговори кои ги имав со раководството на АД Скопски Пазар, по согледувањето на фактичката состојба, на потребите и можностите, постигнавме договор чија имплементација започнува денес. До март наредната година, на овој ист простор жителите на населбата Драчево ќе добијат нов, модерен современ, енергетски ефикасен простор на околу 3000 квадратни метри. Објектот што од денес почува да се гради ќе располага со 60-тина деловни објекти, 1 голем супер маркет, магацински простории, санитарни јазли, ќе има три влеза, како и и пешачка улица – истакна Ѓорѓиевски.

Околу 150 пазарџии ќе можат во новиот пазар да ги пласираат своите земјоделски производи што значи дека за првпат после 50 години драчевци добиват квалитетен простор за пазарење, дополнет со 130 паркинг места кои ќе бидат достапни на покривот на овој нов затворен пазар.

Ова е веќе втор капитален објект од ваков карактер, втор модерен затворен пазар кој  локалната самоуправа им го обезбедува на жителите на Општината Кисела Вода.

– Првиот го кренавме од темел на крајот од минатата година во централниот дел на Кисела Вода, а до следниот март и жителите на Драчево ќе го добијат овој долгоочекуван затворен пазар на своја територија. Бидејќи како раководство на општината знаеме што е важно и знаеме да ги креираме приоритетите водејќи се исклучиво од потребите на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Тој побара трпение од пазарџиите додека траат градежните активности бидејќи, како што потенцираше „изработката на квалитетно решение подразбира зафати кои ќе траат неколку месеци, но сакам да ги известам дека активно работиме на изнаоѓање на времено решение, со цел овој период да немаат пречки во работата“.

– Новата историја ја пишуваме заедно со вас, нашите жители. Ви ветувам дека тие страници ќе бидат исполнети со големи проекти, со реализација на нешта кои во минатото биле само желба. Заеднички ќе го менуваме ликот на нашата Кисела Вода, заеднички ќе уживаме во придобивките од она што сме го сработеле за нас и за генерациите што доаѓаат по нас – истакна Ѓорѓиевски.