Историја

ЗА НАС > ИСТОРИЈА

ИСТОРИЈА НА СКОПСКИ ПАЗАР

Патот до традицијата од 1952 год. до денес

Нашата историја е приказ на постојаната амбиција кон одржување на квалитетот и традицијата.

1952

По конституирањето на Народниот Одбор на град Скопје во 1952 година, управувањето на скопските пазари преминува во негова надлежност, а со цел подобро регулирање на пазарите на 9 Мај истата година, Народниот одбор носи решение за основање на Управа на пазарите во Скопје. Со ова практично се удрени темелите на современиот Скопски пазар.

1953-1954

Собранието на Град Скопје во 1953 носи одлука за доделување на зграда и два компресора (ладилници) на Скопски Пазар како награда за започнатата модернизација на пазарите. Дополнително во 1954 година Скопски Пазар започнува изградба на покриен павилјон со вградени тезги, а до крајот на годината успешно завршува седум павилјони со секој од нив по 40 продажни места.

1956

Скопски Пазар преминува на самостојно финансирање со што се поставува основата на самостојна комунално-стопанска организација. Во оваа насока, Скопски Пазар организира сопствен занаетчиски погон составен од кадри за столарска, браварска, молерска, транспортска и градежна дејност, со цел да ги одржува постојаните основни средства како и да инвестира во градежни објекти во сопствена режија. Дополнително оваа година компанијата доживува пресвртница во целокупната деловна политика. Имено, почнува да гради микро-пазари, односно продавници, со што до крајот на годината нивниот број изнесува 18. Кон крајот на годината започнува и изградбата на Кванташки пазар во Скопје, со основна дејност набавка и продажба на зеленчук и овошје.

1958

Секретаријатот за стопанство на Нардониот Одбор на град Скопје врши регистрација на Управата на пазарите и го впишува во регистарот на државните стопанси установи со статус на самстојно финансирање, под надлежност на Народниот одбор на град Скопје.

1961

Народниот Одбор на Скопската околина го преместува правото на основач на Управата на градски пазари врз Народниот Одбор на Општина Кале, за наредните четири години. Оваа година Кванташки пазар го добива својот конечен лик.

1963-1964

Разорниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 јули 1963 година го става Скопски Пазар пред голем предизвик во поглед на обезбедување на градот со свежи земјоделски и други неопходни производи. Непосредно пред земјотресот е изграден, а подоцна и дограден пазарот во населбата Шуто Оризари. Во 1964 година е изграден и новиот реонски снабдувачки центар Ѓорче Петров 1.

1966

Во Окружниот Стопански Суд во Скопје во регистарот на Стопански претпријатија, Скопски Пазар е запишан како Комунално Претпријатие за пазар. Со ова решение, Скопски Пазар стапува во надлежност на управуавње со пазари и пазаришни објекти, панаѓури, добиточни саеми, сите згради кои му се веќе доделени или ќе бидат доделни на претпријатието или кои самото ќе ги изгради, како и грижа за спроведување на пазарниот, саемскиот и панаѓурскиот ред.

1967

Се прошируваат дејностите на комуналното претпријатие на Скопски Пазар, кое освен досегашните обврски извршува и занаетчиски услуги на трети лица преку занаетичската работилница, која работи како посебна работна единица. Во оваа година доаѓа и до релокација на сточниот пазар од населба Чаир, во приградската населба Трубарево.

1968

Комуналното претпријатие дополнително ја проширува својата дејност со промет и посредување на промет на пазарите, панаѓурите и добиточните пазари. Со донесувањето на Урбанистичкиот план на град Скопје, Скопски Пазар стапува во период на прилагодување на старите објекти, градење нови како и релокација на одредени објекти.

1969

Модернизацијата на Скопски Пазар како и поголемиот обем на обврски налагаат и нова организациска структура. Поради тоа во 1969 година, компанијата оформува нови работни единици и тоа пазари, одржување, реконструкција и изградба, деловни простории и заеднички служби, кои ќе бидат од голема помош за успешно водење на компанијата.

1970-1973

Во 1970 година е изграден снабдувачкиот центар во Драчево, додека пак во 1972 година се предадени во употреба снабдувачките центри во Тафталиџе и Чаир, како и изградени самопослуга во Автокоманда и магацините во трубарево. За време на 1973 година, се градат дуќаните на булевар Крсте Мисирков, а најголемиот скопски пазар Бит Пазар се асфалтира.

1974

Комуналната организација за пазари се пререгистрира во Комунална организација на здружен труд Скопски Пазар. Со тоа организацијата во правниот промет со трети лица, сомостојтно и со целосна одговорност истапува во свое име. Пазарот Буњаковец се релоцира поради уривање на постојни објекти, додека пак Ѓорче Петров добива мал пазар истата година.

1975-1979

Комуналната организација на здружен труд Скопски Пазар Скопје, преминува во Работна организација за пазари и промет Скопски Пазар-Скопје. Со тоа основна дејност на Работната Организација се услуги во областа на прометот, а како споредни дејности се јавуваат трговија на мало и големо со прехранбени и непрехранбени производи, патен сообраќај, превоз на стоки во патен сообраќај, изградба на останати објекти во нискроградба.

1984-1989

Со решение на Окружниот стопански суд- Скопје, како деловни единици се евидентираат продавниците со кои Скопски Пазар ја врши споредната дејност-трговија на мало. Со цел усогласување со Законот за Претпријатија, во 1989 година, Работната Организација за пазари и промет Скопски Пазар се регистрира во судскиот регистар како Претпријатие за услуги во промет и трговија Скопски Пазар Скопје.

1990

Се врши промена на организацијата со што претпријатието добива решение за вршење работи од надворешен трговски промет и понатаму се евидентира како Претпријатие во општествена сопственост за услуги во промет и трговија Скопски пазар, извоз-узвос Ц.О. Скопје.

1991

Поради настанатите статусни промени, извршени согласно со Законот за Општествен Капитал, Претпријатието во општествена сопственост за услуги и промет за трговија Скопски Пазар увоз-извоз Ц.О., во судскиот регистар се евидентира како Скопски Пазар, Акционерски друштво во мешовита сопственост за услуги во промет и трговија, извоз-увоз, Ц.О. Скопје.

1995

Во 1995 год, Скопски Пазар добива решение за промени во извршување на дејностите од внатрешен и надворешен промет. Со тоа Скопски Пазар А.Д ги проширува своите дејности и официјално се занимава со: услуги во областа на прометот, други финансиски организации-менувачници, неспомнати услуги-шпедиција, трговија на големо и мало со прехранбени и непрехранбени производи, градежништво на нисоградба и високоградба, туристичко посредување, угостителство, комунална дејност и надвошепна трговија.

1998-1999

Првиот супермаркет на Скопски Пазар, ‘СП Маркет’ во населба Тафталиџе започнува со работа. Истата година се отвара и СП Mаркет на Стара Рампа во населба Кисела Вода. Во текот на 1999 година се отвараат три нови супермаркети во населбите Центар, Автокоманда и на Зелен Пазар.

2000-2003

Почетокот на 19 век за Скопски Пазар се карактеризира со отварање на нови маркети и тоа во населбите Чаир, Аеродром, Карпош 2 и Кисела Вода. Кон крајот на 2001 година, компанијата го усвојува статутот на АД Скопски Пазар, додека пак во Јануари 2002 год, компанијата се пререгистрира и добива назив Скопски Пазар, Акционерски друштво во приватна сопственост за услуги во прометот и трговијата извоз-увоз Скопје. Во текот на 2003 година, синџирот на супермаркети се шири со отварање на маркети во населбите Драчево и Кисела Вода.

2004

Се отвара уште еден СП Маркет на Чешма во нас. Кисела Вода. Исто така компанијата почнува да ја развива трговијата на мало во однос на маркетите во два правци, па така започнува и со отварање на синџири на дисконти ‘Макси Д’. До крајот на годината неколку маркети се заменети со дисконти Макси Д во населбите Кисела Вода, Тафталиџе и Чаир.

2005-2006

Во овие години продолжува ширењето на дисконти Макси Д на местото на постоечки СП Маркети во Аеродром, Чешма и Автокоманда, како и отварање на три нови дисконти во населбите Капиштец, Шуто Оризари. Со ова проширување СП започнува да ги снабдува потрошувачите низ цел град, а дополнително започнува и да се проширува во други градови почнувајќи со Охрид и Кавадарци. Истата година, се отвара и центарот за убавина ‘Unique’ во строгиот центар на градот.

2007

На 9 Мај компанијата ја прославува својата 55-годишнина од своето основање. Оваа година компанијата продолжува интензивно со ширење на маркетите и дисконтите низ земјата поточно во Охрид, Ресен како и во Скопје во населбите Мичурин и Александрија.

2008

Центарот за убавина ‘Unique’ по втор пат ја добива наградата за најдобра парфимерија, а дисконтот ‘Макси Д’ Тафталиџе ја добива наградата за најдобар продажен објект на манифестацијата ‘Месец на трговијата’. Кон крајот на годината, во Декември компанијата го отвара и својот прв деловно-трговски објект ‘СП Планет’ кој станува едно од главните обележја и синоними на населбата Ѓорче Петров.

2009

Во текот на 2009 година компанијата се фокусира на експанзија надвор од главниот град, поточно со отварање на маркет и центар за убавина во Куманово. Скопски Пазар се рангира на 38. место во економската едиција ‘200 најголеми’ во издание на Capital Media Group. Истата година Скопски Пазар го добива престижното признание ‘Superbrands’, една од 25 компании кои го добиваат ова признание на годишно ниво. Скопски пазар ја созадава и првата интернет страница за онлајн пазарење www.doma.com.mk.

2010

Комапнијата во 2010 година ја завршува својата инвестиција во објект за колективно домување со деловен простор во нас. Тафталиџе, а истата година започнува и реконструкцијата на женскиот пазар на Бит-Пазар.

2011

Скопски Пазар интензивно продолжува со инвестирање во своите објекти, со тоа што оваа година се фокусира на изградба на трговско-деловен објект на ул. Перо Наков во населба Гази Баба, објект во кој се сместуваат реномираниот бренд ‘Mr.Bricolage’ и домашниот лидер во трговија на електроника Нептун. Исто така оваа година компанијата врши целосна реконструкција на зелениот пазар во нас. Тафталиџе како и адаптација и реконструкција на централниот магацин во Лисиче.

 

2014

Во текот на 2014 година, Скопски Пазар го проширува и целосно го реновира продажниот комплекс во Чаир, во кој покрај зелениот пазар кој вклучува 58 современи тезги се вклучуваат и уште други 15 продажни локали.

2017

Раководството на компанијата одлучува да го промени текот на работењето на Скопски Пазар, со што фирмата своите ресурси ги пренасочува кон зелените пазари како и менаџирање и инвестиција во деловните објекти вон и надвор од пазарите. Оваа одлука за компанијата значи затварање на постоесчките маркети и дисконти и изнајмување на деловниот простор на други коминтенти. Со ова, компанијата започнува да биде една од најголемите компании во државата со основна дејност изнајмување на деловен простор како и најголема приватна компанија во сопственост на зелените пазари на главниот град.

2018

Започнува реконструкција на најголемиот пазар во Скопје, Бит Пазар, инвестиција вредна 250 милиони денари, која опфаќа 630 нови тезги и 175 локали, кои се целосно реновирани и дизајнирани да ги задоволат потребите на купувачите за секаков вид трговска стока. Овој проект претставува еден од поголемите предивизци за компанијата како резултат на големиот обем на менаџирање со цел непречено редовно работење на пазарот во текот на целата инвестиција.

2019-2020

Компанијата уште еднаш доживува промени кои се од големо значење за текот на работењето на фирмата. Во 2019 доаѓа до целосна промена во органите на управување на друштвото, а следствено на тоа и целосна интерна реорганизација, одлука која е од клучна важност за компанијата посебно во текот на наредната година. Имено во 2020 година со започнување на епидемијата друштвото се наоѓа пред уште еден голем предизвик- успешно менаџирање на зелените пазари при следење на препораки за заштита на граѓаните.

2021

Согласно Законот за Превземање на Акционерски Друштва, во 2021 година се случува целосно превземање од страна на две компании, Современ Дом АД Прилеп и ЗСФ-КОМ Дооел кои се јавуваат како најголеми акционери со вкупно 77,52% од акциите.

2022

Компанијата успешно ја завршува реконструкцијата на Бит-пазар, проект кој претставува менување на фукнциоиналноста и изгледот на пазарот во еден современ стопански пазаришен центар. Со 97% исполнетост од вкупниот капацитет и циркулација на околу 20.000 граѓани на дневно ниво, Бит пазар важи за најголемиот и најмодерниот пазар во државата и центар на трговскиот живот во градот.

2023

Во Мај започнува изградба на нов модерен и енергетски ефикасен пазар во населба Драчево на простор на околу 4000 квадратни метри, кој ќе располага со 60-тина деловни објекти, голем супермаркет, магацински простор како и 100 тезги. Дополнително овој проект се карактеризира и како енергетски ефикасен, со оглед на тоа што на кровот на целиот објект ќе се постават фотоволтаици. Оваа инвестиција на кровни фотоволтаици е втор проект на компанијата, по инвестицијата во пазарот Тафталиџе во септември истата година.